Ван Гал за Бразил: Ништо посебно, обична екипа која игра на контри

Хрватска вчера по подоброто изведување пенали ја помина Јапонија и на тој начин го обезбеди пласманот во четвртфиналето на Светското првенство во Катар. Недолго по тој натпревар се одигра и натпреварот помеѓу Бразил и Јужна Кореја. Избраниците на Тите славеа против азиската репрезентација и со тоа ќе одлучуваат против Хрватска за пласман во полуфиналето на Мундијалот.

Играта на Бразил, првиот фаворит за освојување на Мундијалот, ја коментираше холандскиот селектор, легендарниот Луј ван Гал по мечот со Кореја. Славниот Холанѓанец не е импресиониран од настапот на бразилската репрезентација, што јасно го кажа со изјава која одекна.

„Ги гледав како играат и читав што се пишува за нив во холандските медиуми. Се зборува дека нивната игра пука, дека е убава. Гледам обичен ‘контрашки’ тим. Јужна Кореја само напаѓаше, а Бразил возвраќаше. Ништо повеќе. – изјави Ван Гал за холандската телевизија.