Реваншот меѓу светскиот првак во тешка категорија, Украинецот Олександр Усик и Британецот Ентони Џошуа би требало да се одржи кон крајот на јуни, а како место за одржување на борбата се разгледува и Саудиска Арабија. Усик од Лондон се врати во Украина веднаш откако започна руската инвазија, но луѓето околу него го уверија дека повеќе ќе придонесе за земјата ако ја напушти војната и започне со подготовки за боксерскиот меч на годината. Со посебна дозвола од властите тој ја напушти Украина.
„Пријателите ми рекоа дека за Украина ќе направам повеќе ако боксувам, отколку ако пукам. Иако мојата желба беше да останам и да ја бранам својата татковина. Нема долго да се задржам во Чешка, пријателите веќе пристигнаа, а повеќето подготовки ќе ги направам на локацијата предвидена за одржување на оваа борба3, изјави светскиот првак.
„Настојувам да тренирам и да не ги следам вестите. Пријателите ми рекоа да го исклучам телефонот и да се сконцентрирам на подготовките. Очекуваат за Украина да приредам една фантастична изведба во рингот. Не се грижам толку за појасите, само се грижам за тоа како да и помогнам на Украина“.
Неговиот промотер, Олександр Красјук изјави:
„Тој е планетарно позната личност. Неговата публика се мери во стотици милиони луѓе ширум светот. Тој има единствена шанса и глобална платформа да го повика целиот свет да се обедини околу Украина со цел да ја запреме војната и да го обновиме мирот во нашиот дом. Малку луѓе имаат способност да пренесат таква порака, а Олександр тоа го прави преку спортот. Донесе тешка, но исправна одлука. Неговите цели не се само во рингот туку и далеку надвор од него. Моралот е висок, а висока е и мотивацијата. Ќе победиме со божја помош“.