Удвоен бројот на спринт трки за следната сезона во Формула 1

Управата на Формула 1 денеска соопшти дека во шампионатот ќе се одржат шест спринтерски трки почнувајќи од следната сезона.

Саботните спринтерски трки беа воведени во 2021 година, а покрај стартниот редослед за неделната трка, најдобрите осум возачи добиваа и дополнителни поени.

Минатата сезона спринтерските трки се одржаа на патеките Силверстон, Монца и Интерлагос, додека годинава домаќини на спринтерските трки беа Имола и Спилберг, а организатор на 13 ноември е бразилската патека Интерлагос.

Домаќините на шесте спринтерски трки следната сезона ќе бидат објавени подоцна. Претходно од Формула 1 шампионатот беше најавено дека следната сезона ќе се одржат рекордни 24 трки.

„Среќен сум што можам да потврдам дека шест спринтерски трки ќе бидат дел од шампионатот од 2023 година наваму, надоврзувајќи се на успехот на новиот формат првпат воведен во 2021 година“, рече извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали.

Организацијата на новите спринтерски трки ја поздрави и претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулејем.

„Потврдата дека шест спринтерски викенди ќе се одржат од сезоната 2023 наваму е уште еден пример за континуиран раст и напредок на највисокото ниво на мотоспортот“, рече тој.

Шампионатот во Формула 1 продолжува во недела со Големата награда на Сингапур.