Убедлив пораз од Русија за крај на Европското првенство

Македонската одбојкарска репрезентација со уште еден пораз ги заврши своите настапи на годинешното Европско првенство.

Македонија доживеа и петтиот пораз во групната фаза, овој пат убедлив од страна на апсолутниот фаворит Русија, која славеше со 3:0, по сетови 25:15, 25:13 и 25:18.

Русите беа комплетно доминантни од почеток до крај, а нашите „Спартанци“ не можеа да им парираат и видлива беше разликата во класи. Македонија добро го отвори мечот, но успеа да парира во првите десетина поени, по што следуваше консолидација кај „Зборнајата“ и лесно освојување на првиот сет.

Ситуацијата беше иста и во вториот сет, Русите ја користеа нашата лоша игра и на крајот дојдоа до 2:0 предност, оставајќи ни нам само 13 освоени поени.

Последниот сет беше нешто подобар за нашите одбојкари кои успеаја да освојат 18 поени.

Никола Ѓорѓиев заврши мечот со 9 освоени поени, додека кај Русите најмногу се истакна Клетс со 15 поени.