Министерството за внатрешни работи на Турција објави потерница против кошаркарот Енес Кантер кој една деценија играше во НБА лигата.
За неговото апсење, Владата на Турција нуди 10 милиони лири (околу 490 илјади евра), а причина за сето тоа се ставовите на Кантер кој постојано го критикува претседателот Реџеп Тајип Ердоган. Турскиот пасош му е одземен уште во 2017 година кога претставници на власта се обидоа да изнудат негово депортирање од Романија.
„Оваа ситуација е многу опасна. Пред да понудат пари за моето апсење, само турските оперативци бркаа луѓе кои ги бараше владата. Сега сите ќе ме бараат поради парите кои се ветени. Не можам да верувам дека сакаат да ме убнијат. Ако се случи тоа, режимот на Ердоган ќе биде виновен“, напиша, меѓу другото, Кантер на социјалните мрежи.
Својата професионална кариера тој ја почна во Фенербахче, но од 2011 до 2022 година играше во НБА лигата, за Јута, Оклахома, Њујорк и Портланд. Без тим е речиси цела година (од февруари лани), а за тоа ја обвинува НБА за која смета дека не му дозволува да игра поради неговите ставови за слободен Тајван.