Турската компанија Кигили, нов спонзор на МОК

Македонскиот олимписки комитет и турската конфекција Кигили денеска официјално го почнаа своето партнерство.

На специјална прес-конференција, претседателот Даниел Димевски и претставникот на Кигили, Хилал Суердем го изразија своето задоволство што во иднина ќе можат да им помогнат на македонските спортисти.

„На истиот ден кога е остварен најголемиот успех во историјата на македонскиот спорт, пласманот во полуфиналето на Еуробаскетот, Олимпискиот комитет на Македонија потпишува партнерски договор со компанијата Кигили од Турција која ќе биде наш официјален моден партнер во следните четири години  која ќе се грижи не само за имиџот на сите наши олимпијци, туку и за Олимпискиот комитет во целост како организација и ќе ја имаме таа чест, со се она што ние го имаме како квалитет, оваа компанија да биде присутна, почитувана и да биде дел од нашиот успешен тим во периодот што следува и од кој имаме големи очекувања.

Се надеваме дека круна на нашата соработка ќе бидат Олимписките игри во Париз каде очекуваме уште поголем успех од оној во Токио, односно златен медал. Кигили не не одбра нас случајно, таа е моден партнер на големи спортски брендови од Европа и светот. Се надевам дека заедно ќе ги оствариме сите цели и амбиции“, изјави претседателот на МОК, Даниел Димевски.

Кигили не е непознато име во светот на спортот иако примарната идеја на компанијата е модата. Турците се модни партнери на повеќе спортски гиганти како германскиот фудбалски бундеслигаш Волфсбург, италијанскиот кошаркарски колектив Фортитудо, потоа Црвена Звезда, Фенербахче, неколку национални репрезентации итн.

„Како што секогаш сме биле, и во иднина ќе бидеме до спортот и спортистите. Нашата долгогодишна поддршка на спортот особено ја зголемивме во последните две години. И во Турција, но и во странство станавме и стануваме спонзори на важни клубови и спортски организации.

Посакуваме да станеме сведоци на успесите на македонските тимови и да ја споделиме нивната радост, а нивните успеси да бидат редовни и долгогодишни“, изајви директорот на Кигили, Хилал Суердем.