Туркменистан и Сан Марино конечно ја напуштија листата на „вечни лузери“ на ОИ

Сигурно досега сте имале впечаток, особено кога станува збор за пливањето и атлетиката каде постојат „безброј“ дисциплини, дека не постои земја или територија чие знаме барем еднаш не се појавило на „победничките“ јарболи од освојувањето на модерните Олимписки игри.

Но, колку е тешко да се биде меѓу тројцата најдобри на Игрите, може да се види преку актуелната табела на медали на која се наоѓаат 67 имиња на земји и територии од вкупно 205 (плус Бегалскиот олимписки тим) колку што има во Токио. Тоа значи, помалку од 33 проценти, а веќе помина првата недела од самитот во Јапонија.

Кога станува збор за генералниот збир, односно колку земји и тимови освојувале медали од првиот собир во Атина во 1896 до 2016 година, истиот изнесува 150, сметајќи и 15 држрави и репрезентации кои веќе не постојат, како Југославија, Чехословачка, СССР, Источна Германија…

Од Токио тој број, барем засега, ќе биде зголемен за Туркменистан, кој дури во седмиот обид дојде до медал (сребрен) кој го освои кревачката на тегови Полина Гурјева. Тука е и Сан Марино, чие знаме дури на 15-тото учество на Летните Игри за првпат се развиоре во чест на некој спортист од Кнежевството, а станува збор за Алесандре Перилија, која освои бронза во Олимписки трап, односно пукање глинени гулаби.

А за медал на ЛОИ сонуваат уште 69 земји. Од Европа дури шест, меѓу кои и Албанија (деветто учество во Токио), БиХ (8), Андора (12), Малта (17), Монако (21) и Лихтенштајн (18), кој за разлика од останатите од ова друштво може да се пофали со 10 „зимски“ медали.

Монако е рекордер по бројот на „јалови“ учества на Игрите, а зад нив е Мјанмар, земја која во изминатите 17 учества нема забележано подобар резултат од четврто место на кревачката на тегови Каи Ти Вин во 2016 година. Рамо до рамо со Мјанмар е Малта, а потоа следуваат Боливија (15), Мали (13), Непал (14), Белизе (13), Чад (13), Република Конго (13), Либерија (13), Мадагаскар (13), Никарагва (13), Салвадор (12), Хондурас (12)…