Македонскиот шампион МЗТ Скопје доживеа пораз од Игокеа на домашен терен и ги сведе на минимум шансите за опстанок во АБА лигата.
Претставникот на БиХ славеше во „Јане Сандански“ со 84-78 и го остави МЗТ на дното на табелата, во надеж дека утре Мега ќе го победи Борац и ќе остане во игра барем за баражот за опстанок. Воедно, нашиот тим ја прекина серијата од две победи на домашен терен, па сега нема избор, освен да го прекине проклетството и да добие некој натпревар „надвор“.

Денешниот натпревар беше мошне неизвесен во текот на сите 40 минути, па иако Игокеа водеше со осум разлика на половина минута пред крајот, сепак направи драма во финишот. Во првата четвртина Игокеа имаше 25-21, во втората 36-31, но на голем одмор, предноста ја имаше МЗТ Скопје кој по 20 минути игра водеше со 42-41.
И во третиот квартал Игокеа, главно, го диктираше темпото, водеше со 52-46 за МЗТ да направи серија од 7-0 и да го преземе водството со 53-52. И повторно, на крајот од четвртината македонскиот првак водеше, сега со два разлика (57-55). И така беше се до шест минути пред крајот кога по 63-59 за МЗТ, Игокеа го направи финалниот спринт до победата. За 2,5 минути, гостите постигнаа 12, а не примија ниеден кош и на помалку од четири минути пред крајот дојдоа до 71-63.

Вер со две тројки накратко го задржа МЗТ во игра, но по четирите поените на Ѓорѓевиќ, Игокеа отиде на највисоки 80-69 на точно 60 секунди пред крајот. МЗТ и тогаш не се предаде, Миќовиќ постигна 2+1, а Бурсаќ реализира две тројки, па на шест секунди пред последниот звук на сирената беше 78-80. Сепак, Кондиќ беше два пати прецизен од линијата за слободни фрлања, Бурсаќ трет пат не успеа да погоди од далечина, а Неранџиќ со два „пенала“ стави точка на мечот.
Миќовиќ со 18 поени и 8 скока и индекс 32 беше убедливо најдобар играч на МЗТ, Вер постигна 21, а Војдан Стојановски 15, но ништо од тоа не беше доволно за триумф. Ако утре Борац ја победи Мега, МЗТ Скопје ќе биде пред испаѓање од лигата бидејќи тимот од Чачак не само што ќе има два триумфа повеќе, туку и +9 од победата во „Јане Сандански“ кои тимот на Драган Николиќ ќе мора да ги надополни на гостински терен.