Цел Вардар влегува во политичка кампања!

Помалку од месец ипол останува до парламентарните избори во земјава, а никој од спортските колективи не е влезен во политичка кампања како Ракометниот клуб Вардар.

Почна газдата Сергеј Самсоненко кој традиционално, пред избори, се закани дека ќе си оди, потоа Дибиров во фамозното интервју за balkan-handball.com ја обвини актуелната власт дека остава да згасне европскиот шампион, а се очекува да продолжи Борко Ристовски кој за изборите ја прекина интернационалната кариера и се врати во Вардар да помогне во кампањата имајќи предвид дека најверојатно ќе биде ставен на кандидатската листа за пратеник во Собранието од партијата каде е член на комисијата за спорт. Тренерот Алушовски го најави Борко како засилување за екипата, но прашање е дали е тој дојден овде за да брани или да води кампања бидејќи проблематичен е моментот на неговото доаѓање – на 40 дена пред избори.

Треба некој да им каже дека Вардар е приватен клуб, дека си има свој газда и дека треба и тој да сработи нешто за да го пополни клупскиот буџет, а не само да чека помош од државата. Сите го сакаме Вардар, но само последните шест месеци клубот од Владата и Град Скопје доби помош од 1,6 милиони евра како награда за освоената титула во Лигата на шампионите, плус е одобрен ваучер во висина од околу 354 илјади евра.

Сето тоа заедно дава околу два милиона евра, само од властите, сума која можат да ја сонуваат најголемиот број спортски колективи од земјава на кои им се одобрени максимум до 250 илјади евра. Самсоненко одамна не помага ни во Фудбалскиот клуб Вардар, таму платите доцнат со месеци, а беше на раб да ги остави фудбалерите на цедило за време на подготовките во Анталија. Но, фудбалерите на Вардар не „цмиздреа“ по медиумите, останаа да ги доработат подготовките и уште се на првото место на табелата во Првата лига, без да има закани дека клубот, можеби, ќе згасне.

Но, ситуацијата е многу јасна. Фудбалскиот клуб Вардар во моментов ја нема харизмата на Ракометниот клуб и не удира толку силно по емоциите на навивачите, односно љубителите на спортот. Затоа и Самсоненко и Дибиров, а се очекува и Ристовски, Стоилов и останатите, во следниот период уште посилно да играат на таа карта. Тоа го прави Вардар можеби единствениот спортски клуб во светот кој повеќе функционира како партиски огранок, отколку тоа што треба да биде.