Трипл-дабл на Вестбрук, Рокетси го совладаа Феникс, Филаделфија го прегази Кливленд

Во текот на ноќта на НБА паркетите се одиграа четири меча, а се издвојуваат победите на Фладелфија и Хјустон.

Најубедливиот триумф го остварија кошаркарите на Филаделфија Севентисиксерс кои на домашен терен ги совладаа Кливленд Кавалирс со 141:94.

Веќе по првата четвртина беше јасно дека овој меч може да заврши само во една насока, кога резултатот гласеше 36:18. Брилјираше Симонс со 34 поени и само две промашувања од игра за цел натпревар – 12/14, односно неверојатни речиси 86 проценти успешност.

Домашен триумф остварија и Хјустон Рокетс совладувајќи ги Феникс Санс со 115:109. Гостите имаа предност по првите 12 минути (23:31), но тимот од Тексас во продолжението успеа да направи пресврт и да дојде до победата.

Харден мечот го заврши со 34 поени, но промаши дури 14 тројки, додека Вестбрук стигна до нов трипл-дабл учинок од 24 поени, 14 скока и 11 асистенции. Кај поразените се издвои Букер со 35 поени.

Многу неизвесно беше во Њујорк каде домашните Никси беа поразени од Индијана Пејсерс со 103:104. До победа дојде и Јута Џез победувајќи ги Мемфис Гризлис со 126:112.