Тренерите на Георгиевски: Македонија заслужува таеквондо центар

Успехот на Дејан Георгиевски на Олимписките игри во Токио каде се пласираше во финалето од таеквондо турнирот и на крајот го освои сребрениот медал предизвика со поголемо внимание да се следат боречките спортови во нашата земја, кои секогаш ни носеле големи резултати.

На приемот во АМС, тренерите на сребрениот олимпион, Дарко и Борче Костовски, се заблагодарија за големата поддршка, најавувајќи притоа уште поголеми успеси и медали на следните Олимписки игри кои ќе се одржат во Париз во 2024 година.

„Од Париз ќе донесеме злато, а можеби и повеќе медали од таеквондо турнирот. Имаме сериозна генерација која може да не однесе до височините. Сакам да му се заблагодарам на Наумче Мојсоски, кој како поранешен спортист на време го препозна потенцијалот на Георгиевски уште пред ОИ и ни даде безрезервна поддршка. Противникот на Дејан во финалето е Роналдо во таеквондото, а нашиот Георгиевски е рамо до рамо со него. Претходно го елиминираше светскиот шампион, а по него и репрезентативец на Јужна Кореја, која е колевка на овој спорт. Верувајте, ова е огромен успех“, вели Дарко Костовски.

Неговиот брат Борче, пак, кратко истакна:

„Она што го направивме во Токио ќе биде испишано со златни букви во историјата на македонскиот спорт. Тоа што го живееме сега, сме го сонувале долго време. Дејан го оствари тој сон. Во Париз одиме по златото. Во иднина продолжуваме уште позасилено да го развиваме овој спорт во Македонија“, изјави Борче Костовски.

Таеквондото има голем потенцијал за да донесе големи успеси за Македонија, а за таа цел потребно е да се има и врвни услови за тренинг.

„Наш сон е да имаме олимписки таеквондо центар и наскоро ќе започне да се гради. Не сакам да потценам ниту еден спорт, но таеквондото во моментов е носечки боречки спорт во државава и се надевам дека наскоро ќе почне да се гради потребната инфраструктура, за во иднина да имаме уште многу повеќе медали на следните Олимпијади. Од Париз ќе донесеме злато, а можеби и уште повеќе медали. Сестрата на Дејан, Ана-Марија е бронзена на јуниорско Светско првенство, а брат му е балкански првак. Имаме и уште неколку исклучителни таленти. Имаме сериозна генерација која треба да се негува“, изјави Дарко Костовски.

Со ова се согласи и првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски.

„Боречките спортови ни носат големи успеси на меѓународно ниво. Моја заложба е сите боречки спортови да добијат свои домови. Токму поради тоа планираме изградба или адаптација на помали сали специјално за боречките спортови. Ги знаеме проблемите и се надевам додека сум јас тука дека ќе најдеме решение. Мој предлог првично во овој момент е некои помали сали како „Партизан“ да се адаптираат само за боречките спортови. Исто така, донесовме одлука за набавка на татами, а почнуваме процедура и за нарачка на сите останати реквизити за боречките спортови и организација на натпревари“, изјави Мојсоски.