Трансферот на Де Јонг во Јунајтед е закочен поради долговите на Барса

Додека претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, гласно зборува дека Френки де Јонг не е на продажба, од Островот има уверувања дека Холанѓанецот ќе се пресели во Манчестер Јунајтед, само се додека го реши прашањето за неподмирените долгови.

Јасно е дека трансферот нема да биде завршен навреме, пред тимот да замине на летна турнеја низ Австралија, Тајланд и Норвешка, што дополнително ќе ја искомплицира работата, но Ерик Тен Хаг го сака својот миленик од Ајакс и затоа клубот не се откажува. Јунајтед веќе во петок ќе отпатува за Бангкок, а во авионот сигурно нема да се најде фудбалерот на каталонскиот гигант.

За да биде остварлив трансферот на Де Јонг во Јунајтед, тој прво треба да се договори со Барселона за динамиката на исплата на парите што му се должат за плата и бонуси од ковид-сезоната. За да го намали притисокот на и онака кревките финансии, Барса се договори со играчите за привремено намалување на платите, што ќе биде компензирано во одреден момент, кога кризата ќе помине.

Де Јонг кога пристигна потпиша за плата од 14.000.000 евра, а во меѓувреме се согласи на намалување од 11.000.000 евра во натпреварувачката 2020/21 и уште 5.000.000 евра за минатата сезона. Дополнително, му се должат уште 4.000.000 евра бонуси бидејќи во изминатите две сезони одигра повеќе од 60 отсто од натпреварите во дресот на Барселона. Бидејќи во меѓувреме ја продолжи соработката за уште две сезони, до јуни 2026 година, Барса доби простор дополнително да ја пролонгира исплатата на она што му следува на Холанѓанецот според потпишаниот анекс.

Чекајќи го Де Јонг, Манчестер Јунајтед го претстави првото засилување на Тајрел Маласија од Феенорд за 15.000.000 евра, договорено е и доаѓањето на Кристијан Ериксен како слободен играч, додека на чекање се играчот од средниот ред на Барселона и Лисандро Мартинез од Ајакс.

Да потсетиме, претходните денови се пишуваше дека Де Јонг се согласил на лични услови за соработка со Јунајтед, додека Барселона на маса има понуда вредна вкупно 80.000.000 евра, од кои 60.000.000 се фиксниот дел, со уште 20.000.000 на име бонуси. Се споменува дека Де Јонг го бара и Челзи…