Традицијата вели – Шампионот во Серија А е веќе познат, а тоа не е Јувентус!

Јувентус има сурова доминација во италијанското првенство со девет Скудета во низа и се чини дека се уште нема „јунак“ кој ќе ја спречи таа серија. Сезонава под водство на Пирло не ја започнаа баш најдобро, но се случувале во изминатите девет години „Бјанконерите“ по исклучително бавен старт на крајот да бидат шампиони.

Но, ако се суди според традицијата, тоа оваа година нема да биде случај и „Старата дама“ конечно ќе биде симната од тронот. Најинтересно е што тоа нема да го направи Интер, кој го доведе Џузепе Марота кој беше еден од креаторите на денес доминантниот Јувентус, како и тренерот Антонио Конте кој ја започна доминацијата на „Бјанконерите“. Тоа нема да биде ниту Наполи кој вложува многу во својот состав во последните години. Не, ако се суди според традицијата, нов шампион на Серија А ќе биде екипата на Милан!

Милан одлично ја отвори сезоната и веќе запиша четири победи во исто толку натпревари. Последната дојде синоќа во големото градско дерби против Интер кога славеа со 2:1, а интересно е дека голот на Лукаку е првиот кој „Росонерите“ го примија оваа сезона.

Милан во моментов е прв на табелата со 12 бодови и нивна главна цел е пласман во Лигата на шампионите. Сепак, традицијата налага дека на „Сан Сиро“ ќе се радуваат на Скудетото. Милан четири пати во историјата стартувал со четири победи и секој пат ја освојувал титулата.

Тоа се случувало во сезоните 1950/51, 1954/55, 1992/93 и 1995/95.

Ако се „придржуваат“ до традицијата, Милан ќе дојде до нова титула оваа сезона, иако сите како шампион го гледаат Јувентус, а како главни конкуренти Наполи и Интер.