Во време кога светскиот поредок е длабоко загрижувачки, олимписките вредности на солидарност, еднаквост и човечко достоинство за сите никогаш не биле поважни, изјави претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах на отворањето на Генералноto собрание на ИОК, во Фондацијата Луј Витон во Париз, на кое присуствуваше и францускиот претседател, Емануел Макрон.
Иконската зграда на Фондацијата се наоѓа во паркот каде што Пјер де Кубертен беше домаќин на завршната вечера на историскиот Конгрес во 1894 година кога беше основан ИОК.
– Сведоци сме на новиот светски поредок што се создава. Историските нарушувања го менуваат системот на меѓународни односи што е во сила од Втората светска војна.
Трендовите, за жал, се јасни, одвојувањето на економиите, тесниот личен интерес го победува владеењето на правото. „Глобалниот југ“ против „Глобалниот север“. Каде и да погледнете, мултилатерализмот е на опашката. Во новиот светски поредок, „соработката“ и „компромисот“ се омаловажувачки поими, рече Бах.
Во сеопфатниот говор, претседателот Бах истакна дека Игри во Париз ги гледа како „симбол на надежта“.
– За милијарди луѓе, Олимписките игри се единствениот настан кој сè уште го обединува целиот свет во мирна конкуренција. Затоа, со нетрпение ги очекуваме најмладите, најсеопфатните, најурбаните и најодржливите Игри. Уверени сме дека заедно со целиот свет ќе доживееме спектакуларни Олимписки игри, рече Бах.
На Олимписки игри (ОИ) кои во петок почнуваат во Париз ќе учествуваат спортисти од 206 национални олимписки комитети, и репрезентација на бегалци.
Во ОИ вклучени се некои од главните знаменитости на градот, меѓу кои е и Ајфеловата кула, а голем број натпревари ќе се одржат во урбаните делови од градот. Тоа ќе бидат и први ОИ со родова еднаквост, односно со ист број мажи и жени.
Бах истакна дека фокусот на ИОК е на солидарноста, која ќе биде поттикната од зголемените приходи во текот на следните години кои ќе бидат распределени до националните олимписки комитети, меѓународните федерации и до други страни.
Тој додаде дека со помош на спонзорите и медиумските партнери, ИОК може да очекува приходи од 6,7 милијарди евра за периодот од 2025-та до следните ОИ, во Лос Анџелес 2028 година, како и 5,7 милијарди за следните четири години.
Бах додаде дека ИОК продолжува да ги создава Олимписките Еспортски игри во 12-годишен договор со Саудиска Арабија во обид да привлече помлада публика и да ја поврзе со олимпискиот бренд.