Толку од „најсилната“ лига во светот: Четири натпревари – ниедна победа

Со години, љубителите на англискиот фудбал, а и самите Англичани се чукаат во гради дека Премиер лигата е најсилна во светот и дека никаде нема таков квалитет како во неа.

Иако се постојано демантирани, особено од шпанските клубови кои ги „газат“ Англичаните каде ќе стигнат, не престануваат фалбите за „најдобриот фудбал на планетата“. Резултатите од осминафиналето на Лигата на шампионите се дефинитивна потврда дека сето тоа е само заблуда и дека единствено во што Англичаните се најдобри е енормното трошење пари и маркетингот.

На четири натпревари во осминафиналето од елитното европско натпреварување, Англичаните не остварија ниедна победа. Ливерпул беше тотално уништен од Реал Мадрид и веќе може да се подготвува за животот без Лигата на шампионите. „Црвените“ лани загубија од истиот противник и во финалето од ЛШ и веќе имаат комплекс од нив кога станува збор за меѓусебните дуели.

Малку подобри беа Тотенхем и Челси кои загубија од Милан и Борусија Дортмунд, но доживеаја минимални порази. За потсетување, Челси само во зимскиот преоден рок потроши 300 милиони евра, а заедно со минатото лето, сумата достигнува неверојатни 600 милиони евра. Прашање е дали толку вреди целиот тим на Милан во моментов. Единствениот тим што не загуби во оваа фаза е Манчестер Сити, но англискиот шампион не ни победи на гости кај Лајпциг, туку одигра нерешено (1-1).