Титула, па шок за Лејкерс: Ентони Дејвис си оди!?

По пауза од една деценија, Лос Анџелес Лејкерс повторно ја освои титулата во НБА лигата и се израмни со Бостон Селтикс со по 17 трофеи во оваа конкуренција.

Но, иако уште чесно не го прославиле шампионскиот трофеј, челниците на франшизата од Калифорнија се соочуваат со првиот проблем кој треба да се реши во следниот период – да се задржи Ентони Дејвис во ростерот. Еден од најдобрите кошаркари во светот во моментов, сезонава заработи 29 милиони долари, но неговиот договор беше потпишан во 2016 година со Пеликанс, а истече со финалето кое заврши ноќеска.

Познавачите сметаат дека е мала веројатноста Лејкерс да го пуштат Дејвис, особено по освоената титула, но неизвесност на оваа тема и натаму постои што потврдува и изјавата на крилниот играч.

„Ми беше прекрасно во првата година во Лос Анџелес, уживав, се забавував и ја освоив титулата. Следните месеци треба да смислиме нешто, не можам да кажам дека 100% ќе останам, но затоа е тука агентот кој треба да најде решение“, изјави Дејвис.

Тој е во НБА од 2012 година кога Њу Орлеанс Хорнетс го избраа како прв пик на драфтот. Во седумте сезони во овој тим само два пати влезе во плеј-офот и победи во една серија, против Портланд во 2018 година.