Тинекс Пролет ќе тестира со швајцарски Базел

Тинекс Пролет ги одработи базичните подготовки во Пехчево, по што тренерот Лембанов и неговите избраници продолжуваат со напорни тренинзи, се со цел тимот во што подобра форма да го стартува новиот шампионат на Македонија.

Тимот се засили со репрезентативецот Томи Јагуриновски, повратникот Александар Василевски и црногорскиот голман Данило Михаљевиќ, кои ќе ја зголемат конкуренцијата во екипата на Тинекс Пролет.

„Можам да кажам дека одработивме квалитетни подготовки во Пехчево, мотивацијата кај сите е на највисоко можно ниво. Свесни сме за ланските грешки кога не успеавме да се пласираме во плејофот, тоа ни е само мотив повеќе за уште подобри изданија и враќање на посакуваните резултати. Имаме тројца нови ракометари кои добро се адаптираат во екипата, се работи квалитетно и како тренер сум задоволен со сработеното досега“, изјави Лембанов.

Првиот предизвик во овој подготвителен период ќе биде турнирот во организација на нашиот пријателски клуб од Врање, на кој Тинекс Пролет утре за противник ќе го има швајцарскиот прволигаш Базел. Швајцарците се спортски пријатели на Тинекс Пролет со кои дополнително ќе ја продлабочиме соработката по утрешниот натпревар.

„Станува збор за квалитетен противник што го респектираме. Ова е подготвителен период, дуелот со Базел ќе биде прв за нас летово и ќе го искористиме за воигрување, но без премногу тактички детали кои ќе следат во наредните натпревари. Имаме сосема доволно време и верувам дека ќе бидеме во топ-форма за стартот на сезоната“, вели стратегот на Тинекс Пролет.