Таткото на Новак откри што зборувале: Му велев да не оди во Токио, но премногу ја сака Србија

Срѓан Ѓоковиќ, таткото на најдобриот светски тенисер откри како течела комуникацијата меѓу нив двајца пред почетокот на Олимписките игри во Токио, односно во периодот кога српскиот ас се уште се мислел дали да учествува или не.

Во подкаст на порталот Мондо.рс, Срѓан во живо го прочита писмениот разговор меѓу нив.

„Нокс, ако нешто ти значи моето мислење, мислам дека ни случајно не треба да одиш во Токио. Долг е патот, друга зона, нема гледачи и повторно би морал да останеш во карантин. Тоа без навивачи, едноставно, не е Олимпијада. Те сака тато“, му напишал Срѓан на својот син, по што добил одговор.

„Се разбира дека ми значи твоето мислење, тато. Сакав да земам три-четири дена за да почувствувам како реагира моето тело. Јас брзо се рекуперирам така што тоа не е голем проблем. Патриотизмот е многу силен во моето срце и главата, тато. Ме знаеш, кога Србија е во прашање, растурам и не се вртам назад“, одговорил Новак.

На крајот, тој не успеа да ѝ донесе медал на Србија иако беше убедливо најголем фаворит на турнирот. Загуби во мечот за бронза од Пабло Карено Буста, а потоа го откажа настапот во дуелот за третото место во двојки, па Србија остана без два планирани медала.