Светот на спортот се простува од Бекенбауер, „либерото“ кој го промени фудбалот

Германецот Франц Бекенбауер, кој почина вчера на 78 -годишна возраст, може да се спореди со која било од легендарните фудбалски фигури, како играч и како тренер.

„Кајзер Франц“ им се придружи во „вечноста“ на своите современици, пријатели и ривали како што се легендарниот Бразилец Пеле, големата холандска ѕвезда Јохан Кројф, на Англичаните Боби Мур и Боби Чарлтон, како и на Аргентинецот Диего Марадона кои беа вистиски фудбалски револуционери.

Фудбалскиот свет му оддава почит на великанот. Џани Инфантино, претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), го нарече Бекенбауер „легенда на германскиот и на светскиот фудбал“.

– Кајзерот беше навистина голема личност, пријател на фудбалот, шампион и вистинска легенда. Никогаш нема да те заборавиме, драг Франц, рече тој.

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, рече дека наследството на Германецот како „еден од фудбалските великани на сите времиња е неспорно“.

– Неговата неспоредлива разновидност, грациозните транзиции помеѓу одбраната и средниот ред, беспрекорната контрола на топката и визионерскиот стил го променија начинот на кој се играше фудбалот во неговата ера, изјави Чеферин.

Бекенбауер беше капитен Западна Германија која триумфира на Светското првенство (СП) 1974 година победувајќи ја Холандија предводена од Кројф во финалето во Минхен. На СП 1990 година во Италија тој како селектор на Германија го повтори подвигот на победувајќи ја Аргентина во финалето, со Диего Марадона, на стадионот „Олимпико“ во Рим.

Бекенбауер е еден од тројцата, покрај Французинот Дидие Дешам и Бразилецот Марио Загало, кој почина минатата недела, што биле светски прваци како играчи и како селектори/ тренери.

Бекенбауер беше и капитен на Баерн Минхен кој триумфира во тогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ) три сезони по ред, во 1974, 1975 и во 1976 година. Со Баерн тој освои и четири титули во Бундес лигата, и една со Хамбургер.

Ули Хенес, почесниот претседател на Баерн и поранешен соиграч, го опиша Бекенбауер како „најголемата личност што клубот некогаш ја имал“.

– Како играч, тренер, претседател, личност: нешто незаборавно. Никој никогаш нема да го достигне. Луѓето можат да кажат дека гледале фудбал во времето на Франц Бекенбауер. Тој ми беше пријател, уникатен придружник, и подарок за сите нас, рече Хенес.

Во 1972 година тој ја освои и титулата првак на Европа со Западна Германија. Двапати ја доби „Златната топка“ како најдобар фудбалер на Европа.

Бекенбауер дебитираше за Германија во септември 1965 година, одигра 103 натпревари и постигна 14 гола.

По завршувањето на играчката каериера Бекенбауер стана претседател на Баерн и потпретседател на Германската фудбалска асоцијација (ДФБ), предводејќи ја успешната кандидатура за организирање на СП во 2006 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО