Вечерва (21 часот) на националниот стадион во Варшава, во Супер купот на УЕФА ќе се сретнат победникот во Лигата на шампионите (ЛШ), Реал Мадрид и освојувачот на Лига Европа (ЛЕ), Аталанта од Бергамо.
Ланската сезона, мадриѓаните го освоија трофејот во ЛШ откако во финалниот натпревар ја совладаа Борусија Дортмунд со 2:0, додека Аталанта беше подбра од Баер Леверкузен, 3:0.
Тренерот на Реал, Карло Анчелоти изјави дека неговиот тим едвај го чека мечот со Аталанта.
– Играме за првиот трофеј сезонава. Сакаме силно да ја почнеме новата сезона, свесни сме за предизвиците. Тимот изгледа добро иако немавме многу тренинзи, но мотивирани сме за овој натпреварот.
Аталанта заслужи да биде тука, бидејќи ја освои ЛЕ. Гасперини има големо искуство, тој е мој пријател. Работевме заедно во Јувентус, имам фантастичен однос со него. Не’ очекува тежок натпревар, изјави Анчелоти за официјалната клупска интернет страница.
Анчелоти додаде дека новиот играч, Килијан Мбапе, кој вечерва ќе дебитира за „кралевите“, е во солидна форма и оти очекува добра игра од него и од неговите колеги.
– Килијан добро се снајде, во добра форма е, како и сите момци. Немавме многу време да тренираме, но изгледаме добро. Мбапе добро се адаптираше, фокусиран е на тренинзите, мотивиран е и работи напорно, рече Анчелоти.
Тимот на Аталанта, едно од најпријатните изненадувања ланската сезона во ЛЕ и во Италија, од клупата го предводи Џан Пјеро Гасперини.
– Тоа ќе биде извонреден меч за Аталанта, за Бергамо. Играме против најуспешниот клуб на светот, против тим што освоил најмногу трофеи. Да се игра вакво финале, за овој трофеј, против толку важен клуб, беше незамисливо до неодамна за Аталанта, изјави Гасперини.
Реал Мадрид пет пати го има освојувано Супер купот, како и Барселона и Милан, за разлика од Аталанта за која ова е прв ваков меч. Анчелоти, Дани Карвахал и Лука Модриќ имаат шанса по петти пат да го освојат трофејот.
Лани Манчестер сити го крена пехарот победувајќи ја Севилја (1:1, 5:4 на пенали). Победникот во Купот на европските шампиои /Лига на шампиони досега триумирал на 28 од 48-те вакви натпревари.