Српските медиуми по елиминацијата од ЕП: „Момци, вие не сте за ова. Вака не може повеќе“

Србија, како и Хрватска, испадна од Европското првенство (ЕП) во Германија. Избраниците на Драган Стојковиќ завршија на последното место во групата Ц, зад Англија, Данска и Словенија, кои се пласираа во осминафиналето.

Српските медиуми жестоко ги критикуваа „орлите“, пред се’, поради играта во која немаше „ни глава, ни опашка“. Насловната страница на Телеграф вреска: „Србија си оди дома од ЕП! Антифудбалот на „орлите“ не функционираше против Данска, со еден удар во рамката од голот не се оди натаму“.

Информер уште посилно „удира“  по фудбалерите: „Момци, вие не сте за ова! Србија елиминирана од ЕП! Вака не се може повеќе!“, пишува Информер и нагласува дека српската репрезентација го заврши натпреварувањето на Стариот континент многу порано отколку што се надеваа навивачите, и имајќи предвид како играше и не заслужи ништо друго.

Спортал беше малку поблаг: „Србија не загуби, но испадна од ЕП: Ќе сонуваме за милиметри и за Англичаните кои не ни помогнаа“, пишува Спортал, кој тврди дека Србите имале „многу повеќе шанси и повеќе од играта  во второто полувреме“.

„ЕП заврши за „орлите“! Едно полувреме не е доволно да се победи. Фудбалерите на Србија „изгинаа“, но предоцна тргнаа на се’ или ништо“, пишува Курир и тврди дека Србија имала свои шанси, но и оти останува впечатокот дека пресингот и напаѓачката игра дошле предоцна.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО