Среќа, стигнаа живи и здрави: Кошмарен прв лет на фудбалерите на Лацио со новиот авион

Сопственикот на Лацио, Клаудио Лотито неодамна се пофали со новиот клупски авион кој првиот лет го имаше вчера, во Кротоне.

Фудбалерите уште се во шок бидејќи, според информациите од Италија, летот бил ужасен. Не од евентуална неисправност на авионот, туку поради лошите услови кои владееле во градот каде што требао да гостуваат.

Слетувањето на аеродромот Питагора било критично поради силниот ветер. Авионот свртел три круга околу пистата пред конечно да го допре тлото, а втората епизода од кошмарот уследила при полетувањето за Рим. Контролата на летање на аеродромот во Кротоне не дала дозвола за полетување, па целата експедиција со автобус се префрлила на аеродромот во Ламезиј, а дома се вратила со комерцијален лет на авиокомпанијата Алиталија.

Авионот на Лацио, Боинг 737/300 денеска треба да се врати во својата база, а следниот лет ќе го има за десетина дена, на гостувањето во Дортмунд.