Солскјер не е загрижен: Приказните за отказот се чиста лага

Оле Гунар Солскјер спие мирно. Барем тој така тврди… Англиските медиуми денеска ги пренесоа информациите на „Сан“ дека на менаџерот на Јунајтед му е кажано дека ќе добие отказ ако загуби од Тотенхем, а тој на овие најави само се смешка.

На прес-конференцијата пред натпреварот, Солскјер порача дека тие приказни за подготвениот отказ се бесмислица и дека тој се фокусира, сепак, на теренот, со цел екипата да заигра подобро од она што го прикажува во моментов.

„Тие приказни нималку не ме загрижуваат. Фокусиран сум на својата работа и тоа го правам најдобро што можам, се подготвувам за следниот натпревар и правам планови за долги патеки“, изјави Солскјер.

А, потоа додаде и зошто тие приказни за отказот не го допираат.

„Апсолутно немам никаков проблем, не само тоа, се смеам кога ќе ги прочитам тие работи, особено кога знам дека немаат проверен извор и дека се измислени, дека се апсолутни лаги“.

Што се однесува до игрите на неговиот тим…

„Имаме премногу ремија, за мој вкус. Имаме и некои порази, но повеќе ме нервираат тие нерешени натпревари кои можевме и моравме да ги претвориме во победи. Не сум среќен, знам дека можевме подобро, но се трудиме, работиме, правиме се за да се поправиме“, подвлече Солскјер.