Сојузот на спортови ги додели наградите 13 Ноември

Сојузот на спортови на Град Скопје традиционално ги додели наградите 13 Ноември за 2021 година. По повод денот на ослободувањето на Град Скопје, Сојузот на спортови Скопје повеќе од 50 години организира свечено доделување на наградата 13 Ноември. Оваа година свеченоста се одржа во конференциска сала на Спортскиот центар Борис Трајковски, каде беа доделени наградите 13 Ноември, на предлог на Комисија за награди и признанија и со одлука на Управниот одбор на Сојузот.

Наградата за спортист ја доби Дејан Георгиевски, кој е дел од Теквондо клуб Бутел Скопје, за освоениот сребрен медал во теквондо на Олимписките игри во Токио оваа година. Покрај Дејан, награда за спортист на годината, во областа на планинарството, доби и Илина Арсова, која оваа година, во Еквадор се искачи на 5 врвови со над 5000 метри надморска височина, а даде и голем придонес во развојот на спортот.

Тренерот на Дејан Георгиевски, Борче Костовски, исто така доби признание за тренер на годината според Сојузот на спортови, додека наградата 13 Ноември за спортски работник замина во рацете на Билјана Димовска, долгогодишна спортска работничка во тенисот.

Сојузот на спортови на Скопје ја додели наградата Спортски работници за Животно дело на Насе Насев, познат и признат тренер и селектор на најуспешните борачи од државата, кои се и носители на медали од европски и светски првенства и олимписки игри, Седадин Али – Сетко, професор по физичко образование и воспитание, тренер по фудбал и спортски работник во повеќе спортски здруженија и на Љубомир Котевски, планинар, планинарски водич и спортски работник.

Наградата 13 Ноември за Општествено спортски работници се додели на Горанчо Петровски, Началник за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, кој повеќе од 10 години успешно ја реализира сообраќајната логистичка поставеност на маратонот и сите останати трки и настани, со што обезбедува висока безбедност при одржување на истите.

Меѓу добитниците е и претседателот на Олимпискиот комитет, м-р Даниел Димевски.

Наградата доаѓа како резултат на успешниот настап на нашите олимпијци на последните олимписки игри во Токио и освојување на сребрен медал, прв по 20 години, на што нашата држава и македонскиот спорт се посебно горди.

„Особено е заслужен за нови и модерни просторни услови за развој и унапредување на врвниот спорт“, велат од Сојузот на спортови на град Скопје.