Скоти Пипен е бесен поради „Последниот танц“

„Последниот танц“ (The Last Dance), документарецот посветен на Мајкл Џордан и последната сезона во Чикаго Булс, ги сруши сите рекорди, предизвика и бројни позитивни реакции, но и негативни.

Се очекуваше од многумина негативно да се изразат кога станува збор за документарецот, но не и од Скоти Пипен, десната рака на Мајкл Џордан.

Како што истакна водителот на „ЕСПН“, телевизијата која стои зад документарната серија, Дејвид Каплан, Пипен е „бесен“ и „надвор од себе“ поради документарниот филм, односно како некои работи се прикажани во него.

Легендарниот играч на Чикаго најмногу му замерил на Џордан што го нарекол „себичен“ поради одложувањето на операцијата на зглобот.

Џордан го нарече Пипен „себичен“ во втората епизода откако ја одложи операцијата се до почетокот на сезоната 1997/98 поради конфликтот со челниците на клубот околу новиот договор, поради што паузираше два месеци.

На Пипен, исто така, не му се допаднало ни како се прикажани неговите проблеми со мигрената во финалето од Источната конференција во 1990 година.

„Скоти беше толку потценет и недоволно платен. Мислам дека многу луѓе сега сфаќаат низ што поминал“, изјави неодамна Денис Родман.

За потсетување, пред неколку дена се огласи и Хорас Грант, кој со Чикаго освои три шампионски титули и го критикуваше „Последниот танц“.