Скаутингот за Јокиќ во 2014: Просечен спортист, без брзина и скок

И најдобрите стручњаци во која било област често знаат да згрешат, но ретко се случува во НБА да има такво промашување како она за Никола Јокиќ.

Не чуди тоа што Србинот беше избран како 41. пик на драфтот во 2014 година бидејќи очигледно не бил многу ценет како оние кои треба да видат талент кај некој кошаркар. За тоа најдобро зборува скаутингот за Јокиќ, веројатно направен пред драфтот таа година кога тој од немајкаде беше избран на драфтот, колку да се рече дека не му пропаднало појавувањето. Дури 29 франшизи дозволиле Јокиќ да помине покрај нив, без да го видат квалитетот што го поседува.

„Просечен спортист без особена брзина и способност за скок. Можно е да се мачи покрај НБА атлетите. И покрај тоа што е младо момче, се чини дека неговите способности се ограничени поради недостаток на екскплозивност“, пишува во извештајот.

Кој и да го правел, очигледно не ги видел позитивните можности во играта на Јокиќ. Српскиот ас беше избран во 2014, но во НБА влезе една година подоцна, а во овие осум сезони освои бројни признанија и два пати е прогласен за МВП. Најважно од се, ја смени историјата на Денвер Нагетс кој првпат во своето постоење се пласира во големото финале на НБА, а честитки за она што го прави постојано стигнуваат, дури и од најголемите кои некогаш играле кошарка.