Сити направи од два во еден: Ц.Звезда поведе, но европскиот првак покажа кој е кој

Во рамките на 1. коло од групната фаза во Лигата на шампионите вечерва на „Етихад“ се сретнаа европскиот првак Манчестер Сити и српскиот првак и единствен претставник од земјите од поранешна Југославија, Црвена звезда.

Белградскиот тим имаше сензационално водство по првите 45 минути, но на своја кожа ја почувствува изреката „не го допирај лавот додека спие“ и на крајот можат да бидат задоволни што си одат дома со само два гола разлика (3:1).

На полувремето Манчестер Сити имаше 22 шута против само еден гостин и покрај тоа губеше со 0:1, но да почнеме по ред. Првата вистинска шанса домашната екипа ја имаше во 15. минута. Родри шутираше од врвот на шеснаесетникот, но Омри Глејзер брилијантно го запре неговиот удар.

Десет минути потоа Ерлинг Халанд ја имаше првата од безбројните прилики кои ги пропушти вечерва и ја погоди гредата од голот на гостите.
Покрај тие шанси, Сити имаше уште неколку колосални шанси, од кои едната е на Фоден, кога Глејзер го запре неговиот удар од три-четири метри.

А потоа во втората минута од продолженито шок. Букари ја искористи брзината и ја погоди мрежата на Граѓанинот, ВАР утврди дека нема офсајд и Звезда сензационално замина на одмор со предност.

Сепак, Манчестер Сити израмнува на отворањето на вториот дел. Халанд асистираше, а Алварез некако ја смести топката во мрежата.Кајл Вокер ја затресе мрежата на Црвена звезда во 53. минута, но по прегледот на ВАР беше означен офсајд и голот беше поништен.

Избраниците на Пеп Гвардиола направија пресврт во 60. минута. Џулијан Алварез изведува слободен удар, а најдобриот играч на Звезда вечерва, Глејзер, ја промаши топката во обид да ја избоксува и таа заврши во мрежата.

После тоа шанси имаа Халанд, Алварез и Доку, а конечните 3:1 ги постави Родри во 73. минута откако гостите му дадоа недозволив простор за прилагодување и погоди во далечниот агол.

Без разлика на поразот од 3:1, играчите и стручниот штаб на Црвена звезда можат да си одат дома со кренати глави, бидејќи воопшто не се посрамија со освојувачите на тројната круна минатата сезон.