Што се случува со Антоан Гризман?

Во Шпанија една паралела стана популарна меѓу навивачите, а истата се наметна сама. Арда Туран дојде за речиси четири пати помалку пари, но тој тогаш беше мозокот на онаа шампионска генерација на Атлетико и се претпоставуваше дека стилот на Барса многу повеќе ќе му одговара отколку „затегнатиот“ систем на Диего Симеоне. На сличен начин веројатно размислувал и Антоан Гризман кога минатото лето прејде на „Камп Ноу“.

На крајот, мандатот на Арда во каталонскиот гигант ќе се памети најмногу по неговото шеткање на трибините додека во последната сезона примаше плата од 9.000.000 евра пред да замине без обештетување во Истанбул Башакшехир. Гризман се уште има време да го поправи впечатокот – малку се осум гола и четири асистенции за играч од 120.000.000 евра, особено малку за таков играч во Барселона – но притисокот е се поголем, а сцената која најдобро го отсликува неговиот моментален статус беше виден на вчерашното дерби во Примера, токму против Атлетико.

Французинот се загреваше добри 20 минути, пред да влезе на теренот во 90 минута. Понижување за таков ас.

„Рики Пуиџ играше добро, секогаш сакаш да го имаш Суарез на теренот, истото е и со Лео и не беше лесно да му најдам место, а да не го дестабилизирам тимот“, велеше по мечот Кике Сетјен и испровоцира жестока реакција од семејството Гризман.

Уште за време на натпреварот братот на Гризман, Тео, на Твитер кратко напиша: „Ми се плаче, навистина. Две минути…“. Само една искра во споредба со подоцнежните зборови на Алан Гризман, таткото на Антоан, кој со цитатот на образложението на Сетјен на Инстаграм му порача на искусниот тренер: „Вака може да зборува оној кој ги има клучевите од камионот, а не обичен патник“.

И Тео и Алан Гризман веднаш ги избришаа коментарите, но јасно им е на сите дека не престанале да го мислат тоа. Впрочем, сите каталонски медиуми шпекулираат дека единствената причина поради која Гризман се уште не побарал трансфер е тоа што смета дека Сетјен нема да се задржи и следната сезона на клупата на Барса.

Тука сите се согласни на Пиринеите. Но, проблемот не е само во Сетјен. На сите им е јасно дека Гризман не се вклопи вистински во тимот. Или подобро кажано – Гризман не „кликна“ со Меси. А тоа во Барселона е најважно. И затоа веќе на големо се зборува за тоа дека токму Меси инсистира на враќање на Нејмар од ПСЖ.

Јасно е сепак дека Каталонците ги немаат тие пари, па веќе со месеци се шпекулира и за можноста за барање на Парижаните за обештетувањето од минимум 180.000.000 евра да го намалат со тоа што во процедурата би додале некој од француските играчи на „Камп Ноу“.

Во главно се споменуваа Усман Дембеле и Самуел Умтити, но сега веќе е јасно дека Барса не би имала ништо против ни да го менува Гризман за Нејмар. Се испостави дека затегнатиот систем на Атлетико сепак бил затегнат за Гризман. Оној на Барса е затегнат за Меси. И Гризман тука некако не се вклопува. На Французинот му е потребен простор за да го покаже својот квалитет и потенцијал, а тоа во Барса ретко го има. Впрочем, токму системот кој е „наместен“ за Меси, но и Суарез, Бускетс, Алба, Пике и останатите ветерани е она што ги спречува играчите како Дембеле, Кутињо и Гризман да се навикнат и да влезат во полн ритам. Тешко е да се вклопите во системот на Барса, уште потешко е кога носителите на играта веќе влегуваат во ветерански години и играта се повеќе мора да се прилагоди на нив. Пас играта со голем посед и долги напади не им одговараат на играчи како Гризман, кој во Атлетико беше главен играч, но неговиот тим играше дефанзивно и на контри. Ист е случајот и со Кутињо и Дембеле чии Ливерпул и Борусија играа со високо темпо, брзи напади и агресивен пресинг. Како и да е, ситуацијата со Гризман во Барса не делува ветувачки. Нема сомнежи дека Французинот е одличен играч и дека можеби со тек на време ќе се вклопи, но засега се чини дека Сетјен го губи трпението со него.

„Ќе разговарам со него, но нема да му се извинувам за замената, иако сфаќам дека можеби се чувствува лошо. Ни јас не сум воодушевен, бидејќи е голем професионалец и одлична личност“, ладнокрвно истакна Сетјен.