Што е трчање по скали? Освој го врвот на првата Cevahir Tower Run трка по скали

Tower running или трка по скали во највисоките згради низ светот е спорт чиишто почетоци датираат уште од 1905 година кога на Ајфеловата кула се одржа првата трка по скали. Денеска трки по скали се одржуваат во висококатници во повеќе метрополи низ светот, а за прв пат годинава Cevahir Tower Run трката по скали под мотото “Освој го врвот на Cevahir кулите“ ќе го доближи овој тип на спорт до домашните спортисти и спортско активни лица.

Растечката популарност на овој спорт се заснова на придобивките што ги носи на телото и за професионалците и за аматерите. Оние кои ја практикуваат оваа дисциплина веројатно знаат дека трчањето по скали го враќа кардиоваскуларниот систем во форма побрзо од нормалното џогирање. Освен тоа, при качувањето по скали, срцето ја подобрува својата активност благодарение на поголемата количина на крв што се турка во циркулаторниот систем и следствено на поголемата количина на кислород што циркулира во телото. Трчањето по скали особено им овозможува на луѓето да ја искусат убавината на искачувањето на врвот на најубавите облакодери во светот и шансата да имаат корист од докажаната ефикасност на овој тип на кардио тренинг. Трчањето по скали е всушност активност со висок интензитет, согорува повеќе калории од класичното џогирање за многу пократко време.

Cevahir Tower Run трката по скали за прв пат годинава ќе се одржи на 24 септември во висококатниците на Џевахир Скај Сити во Скопје, а е во организација на АК Работнички.

Заинтересираните натпреварувачи и спортски активни лица може да се пријават и учествуваат на првата Cevahir Tower Run во Македонија со пополнување на онлајн апликација (https://cevahirtowerrun.com/ ).

Учесниците на трката ќе имаат предизвик да се искачат до врвот на Кулата Ц искачувајќи 41 кат со вкупно 752 чекори, а најдобар начин за тренирање пред големата Cevahir Tower Run трка е пешачење или трчање по скали, вежби за правилно дишење и тренинзи за зајакнување на различните групи на мускули со што ќе спречите несакана повреда при трчањето.