Штета: Македонија загуби во финалето од Сребрената лига

Македонската одбојкарска репрезентација доживеа пораз во финалето од Сребрената лига и повторно не успеа да дојде до златниот медал во ова натпреварување.

Во мечот за титулата, нашите одбојкари загубија од Данска со 1-3 иако имаа водство од 1-0 откако првиот сет го решија во своја корист со 25-23. Во вториот имаше контрола над резултатот до средината, водеше и со три разлика (8-5), но Данците се вратија и благодарение на серијата од пет поени дојдоа до предност од 20-16 која се покажа недостижна за нас.

Исклучително неизвесен и важен беше третиот сет. Данците имаа водство до 13-9 по што следуваше серија од пет поени на нашата репрезентација. Ние го задржавме водството до 23-22, мечот отиде во „продолженија“, а таму противникот триумфираше со 27-25. Изгледа дека тоа емотивно ги исцрпи нашите одбојкари кои иако дадоа солиден отпор во четвртиот сет, дозволија Данска со серија од пет поени да поведе со 16-12 и да го освои сетот со 25-19.

Македонската репрезентација немаше одговор за Мадс Кјед кој оствари 32 поена. Кај нас најдобар беше Никола Ѓоргиев со 14 поени.