Шпанија има мајстори во малите клубови: Барса и Севиља го сакаат соиграчот на Барди

На прв поглед за многумина во Шпанија постојат само Реал и Барса и донекаде Атлетико. Но, оние кои следат повнимателно, ќе забележат дека Примера има фудбалски мајстори и во малите клубови, што ретко се наоѓа во другите лиги. Еден од таквите е и Хозе Кампања, плејмејкерот на Леванте и соиграч на нашиот репрезентативец Енис Барди, кој според последните информации на „Мундо Депортиво“, го привлекол вниманието на Барселона и Севиља.

Со тоа што мала е веројатноста дека навистина ќе замине таму, бидејќи има цврст договор со Леванте, добра плата и излезна клаузула, која во Шпанија е обврзувачка за секој играч, од 60.000.000 евра. Јасно е дека Севиља и Барселона немаат намера да се доближат до таа сума.

Всушност, спортскиот директор на Севиља, Мончи, веќе минатото лето излезе со конкретна понуда од 20.000.000 евра. Тогаш Леванте индиректно порача дека нема да прифати ништо под 30.000.000 евра. Сега можеби и тоа не би било доволно, бидејќи Кампања има одлична сезона зад себе – даде два гола и намести уште шест, само во Примера.

Барселона сигурно нема да се залетува, на „Камп Ноу“ се надеваа дека би можеле да го добијат за 15 до 20 милиони. Тоа сигурно нема да биде доволно, иако Леванте во 2016 година го доведе од Сампдорија за само 500.000 евра.

Пред тоа Кампања, инаку дете на Севиља, играше и за Кристал Палас, Нирнберг, Порто и Алкоркон.