Шортс прв фаворит за МВП на сезоната – единствен во топ 5 во три статистички категории

Откако лани беше најдобар стрелец во Бундеслигата, во дресот на Краилсхајм, македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шртс сезонава е најсериозен кандидат за признанието за најкорисен играч.

По 16 одиграни натпревари на неговиот Телеком Бон, натутрализираниот Македонец е меѓу најдобрите петмина во три статистички категории, а во онаа најважната (индекс) се наоѓа на првото место. Неговиот просечен ефект изнесува 22,5 при што во последното коло, против Олденбург значително го зголеми затоа што оствари 42. Најблиску до него е Џекуан Луис од Рошток со просечен индекс 20,2.

Според постигнатите поени, Шортс е на третата позиција со 19,4 по натпревар, но последниот месец бележи огромен подем во оваа категорија затоа што во декември беше дури на десеттото место. Најдобар стрелец во моментов е Ламонт Џонс од Франкфурт со 20,3 поени, ама како што тргнал Шортс, прашање е само на ден кога ќе го престигне.

Македонскиот репрезентативец е во топ-5 и меѓу асистентите со 7,1 додавање по натпревар. Тука најдобар е спомнатиот Луис од Рошток со 8,5 асистенции.