Шокантна изјава на Берни Еклстоун, Формула 1 експресно реагираше

Раководството на Формула 1 соопшти денеска дека не се сложува со изјавите на поранешниот шеф на најбрзиот циркус на планетата, Берни Еклстоун, за расизмот и еднаквоста.

„Во време кога е потребно единство за да се бориме против расизмот и нееднаквоста, ние во целост не се сложуваме со изјавите на Берни Еклстоу, за кои нема место во Формула 1 или во општеството“, стои во соопштението на сајтот на Формула 1.

Еклстоун во изјава за „Си-Ен-Ен“ изјави дека „во многу случаеви црнците се поголеми расисти од белците“.

Формула 1 укажа на тоа дека Еклстоун ја напушти организацијата во 2017 година и дека титулата почесен претседател истекла во јануари годинава.

Шесткратниот шампион на Формула 1, возачот на Мерцедес Луис Хамилтон, овој месец започна научен проект под називот Хамилтонова комисија, со цел да се подобри различноста во мотоспорт индустријата.

Формула 1 основаше Работна група и Фондација за зголемување на различноста и инклузијата, а претседателот Чејс Кери обезбеди почетно финансирање на Фондацијата со допринос од милион долари.