Шест имиња во потесниот избор за Лауреус наградата, без Меси, Ѓоковиќ, Роналдо…

Традиционално, како и секоја година, „Лауреус“ повторно го организира изборот за најдобри спортисти на планетата, најдобри тимови, „камбек“ на годината, откритие на годината и така натаму.

Разликата е во тоа што оваа година церемонијата ќе се одржи онлајн поради пандемијата на коронавирусот, а предвидено е најдобрите да бидат избрани кон почетокот на мај.

Денеска е објавен и списокот на кандидати кои влегоа во најтесниот избор за престижната награда, а меѓу нив нема имиња како Лионел Меси, Кристијано Роналдо, и веројатно најголемото изненадување, Новак Ѓоковиќ, кој оваа награда ја освојуваше 2012, 2015, 2016 и 2019 година.

Сега остануваат шестмина спортисти во трката за најдобар во 2020 година, а тоа се: Луис Хамилтон (Формула 1), Леброн Џејмс (кошарка), Арманд Дуплантис (атлетика), Џошуа Чептегеи (атлетика), Роберт Левандовски (фудбал) и Рафаел Надал (тенис).

Кај дамите ќе конкурираат: Ана ван дер Бреген (велосипедизам), Федерика Брињоне (скијање), Бриџид Косгеи (атлетика), Наоми Осака (тенис), Венди Ренар (фудбал) и Бриана Стјуарт (кошарка).