Некогаш моќниот германски клуб е на колена. На Шалке кој се бори за опстанок во втората Бундеслига му се заканува пропаст!
Германскиот Скај предупредува на хорор сценарио. Две екипи директно испаѓаат (17 и 18-та), 16-та позиција на табелата води во плеј-офот, а 15-та обезбедува опстанок.
Оснабрик кој е на дното одамна е отпишан, додека Брауншвајг, Ханза Росток и Шалке моментално се изедначени според бодовите, по 20. Кајзерслаутерн кој е 14-ти има само бод повеќе.
– Трите клуба на 15, 16 и на 17-то место имаат по 20 бода. Шалке е пред ривалите благодарение на подобрата гол-разлика. Сепак, впечатокот е дека многу играчи не ја разбираат сериозноста. на ситуацијата. Како да не знаат што прават…
Ова мора да заврши. Фудбалерите на кои судбината на клубот очигледно не им е премногу важна, или пак гордиот дрес на Шалке им е претежок, мора да бидат исфрлени од стартните 11 затоа што Шалке не би преживеал испаѓање!, драматично се предупредува во текстот.
Испаѓањето во понизок ранг би имало многу потешки последици. Според информациите на Скај, лиценцата на Шалке за третата лига е невозможна. Евентуалното испаѓање би имало последици кои не можат да се предвидат во моментов.
Но едно е јасно, клубот каков што постои во моментов би бил мртов, во хорор сценарио. Несомнено во Шалке се направени повеќе грешки во последните неколку месеци и години, но тоа не е важно во моменталната ситуација. Сега е важно да се најдат играчи кои можат да се справат со огромниот товар.
Повеќе не станува збор за градење пазарна вредност или за давање време на младите играчи. Се’ се сведува на опстанокот на еден од најголемите германски фудбалски клубови, се заклучува во текстот.
Се чини дека навивачите се’ уште не се откажале од Шалке. Велтинс-Арената речиси на секој натпревар е исполнета до последното место, без разлика што клубот оди кон пропаст.
Просечната посетеност е 61.533 навивачи по натпревар, што е повеќе од минатата сезона кога Шалке сè уште беше дел од елитата на германскиот фудбал.