Шакира првпат прозборе за прекинот со Пике: Татко ми на интензивна нега, а тој со друга жена

Колумбиската пејачка Шакира првпат јавно проговори за прекинот на врската со Жерард Пике што неколку месеци е топ-тема во светските медиуми.

Многу се шпекулираше за целиот случај, а сега таа самата одлучи да открие некои работи што се случувале претходниот период. Во интервју за Дејли меил таа зборува за жртвата што ја направила за кариерата на Пике и за начинот на кој дознала дека тој има друга жена.

„Разочарувачки е тоа што постојано се обидував да изградам добра врска со моите деца, а тие одеднаш гледаат како нивниот татко сето тоа го вулгаризира и распнува по медиумите. И дознавам дека е со друга жена додека татко ми е на интензивна нега поради страшен пад, а јас се борам на повеќе фронтови“, вели, меѓу другото, Колумбијката.

Таа одлучила да го истера Пике од семејниот дом иако двајцата сега се обидуваат да останат пријатели за доброто на децата. Пике и Шакира не беа во брак, но имаа невенчана врска од 2010 година кога се запознаа на Светското првенство во Јужна Африка.