Сезоната во Ф1 е вистинско лудило: Хаос во Муџело, нова победа на фантастичниот Хамилтон

Љубителите на Формула 1 денеска имаа можност да уживаат во фантастичната трка за Големата награда на Италија во Муџело на која очекувано славеше Луис Хамилтон.

Меѓутоа, оваа трка денеска понуди безброј возбудувања, а доволно е да се каже дека видовме дури три старта. Во два наврати трката беше прекинувана поради судир, а на крајот само 12 возачи успеаја да минат низ целта.

Веќе во првиот круг видовме хаос на патеката. На стартот лош беше Хамилтон, а тоа го искористи Ботас кој го презеде водството, но на патеката мораше да се појави безбедносното возило откако Верстапен излета од патеката и не можеше да ја продолжи трката.

Откако безбедносното возило излезе во седмиот круг гледавме „летечки старт“ кој предизвика вистински хаос. Магнусен направи огромна грешка бидејќи забави, а во него се удри Џованаци. Подебелиот крај го извлекоа уште Саинс, Латифи, Гасли и Окон и тие не можеа да ја продолжат трката.

Беше одлучено да се прекине трката, па болидите заминаа во бокс додека патеката не се исчисти. На вториот старт Хамилтон го врати првото место и одеше кон сигурен крај, но на десет круга пред крајот повторно црвено знаменце и прекин на трката бидејќи Строл излета од патеката.

По третиот старт Хамилтон ја задржа предноста, а на втората позиција се проби Рикардо. Но, Ботас брзо успеа да го престигне, а тоа го направи и Албон кој дојде на третото место.

Албон се обиде до крајот на трката да го стигне Ботас, но не успеа во тоа. Хамилтон очекувано повторно славеше и покажа доминација, а второто место му припадна на неговиот тимски колега Ботас. На третото место беше Албон, додека Рикардо заврши како четврти што за него сигурно е големо разочарување.

Петти беше Перез од Рејсинг Поинт, а во Топ 10 влегоа уште и Норис, Квјат, Леклер, Фетел и Раиконен. Без бодови денес останаа само Расел и Гросжан.