Сетјен ги иритира навивачите на Барса: Не се чувствувам нималку загрозено

Кике Сетјен не беше расположен да зборува за својата иднина на клупата на Барселона, без оглед на тоа што во краток временски период му ја препушти на Реал Мадрид водечката позиција во Ла Лига и му остави реална можност да дојде до шампионскиот трофеј.

Барселона во вторникот вечер по трет пат ремизираше во последните четири натпревари, па „Кралскиот клуб“ во случај на победа утре против Гетафе има шанса да замине на огромни четири бода предност.

„Не се чувствувам нималку загрозено“, изјави Сетјен на прашањето за својата позиција на клупата на Барселона, а потоа додаде:

„Штета, имаме се повеќе потешкотии, губењето на овие бодови значи дека се оддалечуваме од титулата, но мораме да продолжиме да работиме. Атлетико Мадрид е добар тим“, изјави Сетјен.

Искусниот стратег се обиде да ги изненади гостите со ставањето на младиот Рики Пуиџ во стартниот состав и тоа како дел од напаѓачкото трио.

„Се обидовме да направиме некои промени, мислевме дека ќе имаме корист од тоа. Атлетико добро се брани, го затвора просторот и ве запира“.

Сетјен сепак не е разочаран од играта на својот тим.

„Многу сум задоволен од играчите, точно е дека не успеавме да победиме, но добро го контролиравме натпреварот. Не е лесно да се игра против ваков противник. Тие се дисциплинирани. Сосема сум задоволен од работата на своите играчи“, додаде Сетјен.