Сепак, ќе има „Ролан Гарос“ оваа сезона!

Претседателот на Тениската федерација на Франција (ТФФ), Бернардо Гјудичели смета дека одржувањето на „Ролан Гарос“ е можна опција до крајот на оваа година.

Турнирот на земјена подлога во Париз требаше да се организира во периодот од 24 мај до 7 јуни, но е одложен поради пандемијата со корона вирусот и е преместен за 20 септември иако и тој термин е во прашање од истите причини. Гјудичели смета дека одржувањето на турнирот без публика би овозможило дел од економијата да се врати во живот, како на пример телевизиските права и маркетингот што не треба да се занемари.

„Ако сакаме да играме пред публика, веројатно тоа ќе значи дополнително поместување на датумот од 27 септември, а тоа не менува многу работи“, тврди Гјудичели.

Сепак, поместувањето и на овој термин веројатно ќе значи дека „Ролан Гарос“ ќе треба да се игра во сала бидејќи во октомври или ноември никој не може да претпостави какви ќе бидат временските услови од кои многу зависи играњето натпревари на земјена подлога.