Сензација во првото пролетно коло: Гостивар го нокаутира шампионот!

По едномесечна пауза продолжи домашното кошаркарско првенство и веќе во првиот натпревар се случи изненадување.

Ако се суди по изгледот на табелата, можеби и не треба да се нарече така, но фактот што МЗТ Скопје беше непоразен во досегашниот дел од сезоната, сепак, му дава таква конотација. Гостивар славеше на гостувањето кај шампионот со 78-72 и изби на првото место на табелата. Кошаркарите на Марјан Србиновски водеа речиси во текот на целиот натпревар, ги добија сите четири четвртини и заслужено победија.

Донован Доналдсон постигна 20 поени за победничкиот тим, а Димчевски додаде 19. Во екипата на МЗТ Скопје, капитенот Дамјан Стојановски заврши со 15 поени.