Селекторот Тодоров јасен: Една победа е малку, ни требаат две или три за пласман на ЕП

Селекторот Александар Тодоров со играчите и својот стручен штаб ги започна подготовките за квалификациите за ЕП 2021 година во салата „Борис Трајковски“.

Евидентна беше возбудата кај повиканите кошаркари, особено кај оние помладите, односно дебитантите во националниот тим. А такви има петмина, тројца од нив играат во македонската Прва лига – Филип Бакоч, Кристијан Николов и Виктор Ефремоски. А двајца во лигите на Италија, Андреј Јакимовски и Марко Миловановиќ.

Во оваа „возрасна“ категорија спаѓа и Ненад Димитријевиќ, единствено отсутен кошаркар на првиот тренинг на сениорите. Бекот на шпанскиот Хувентуд ќе им се приклучи на репрезентативните соиграчи за неколку дена.

Селекторот Александар Тодоров има комплетна претстава на можностите на оваа селекција, но и потполна подготовка за првиот противник во квалификациите – Естонија.

„Немаме тим кој може да постигне 90 поени, тие имаат, па ќе мора да ги сопреме. Тие се шутерска екипа исто како нас, процентите за три поени ќе бидат од големо влијание. Онаа екипа која сака да победи, ќе победи. Ако ја создадеме таа хемија, ќе успееме. Звучи како шаблон, да играме со срце. Имаме подготвено индивидуални видеа, знаеме кој на која позиција ќе игра, по колку минути ќе игра, кој ќе го понесе товарот. Освен тоа, успеавме да дојдеме до натпревари кои играа лани во Полска. Целиот процес на подготовка ќе биде подготовка на претпоставка, за мене предност е што овој прв натпревар ќе го играме дома а не на гостински терен“- потенцира селекторот Тодоров.

Со јасен став дека мечот на 20. февруати во „Борис Трајковски“ нема да биде и пресуден во конечниот изглед на табелата од групата „Б“ во евро-квалификациите.

„Мечот против Естонија не е клучен. И со една победа не може да се помине на Европско првенство, ни требаат две или три победи“- јасен беше Тодоров.

Инаку, согласно со договорот со стручниот штаб и селекторот Александар Тодоров, сите тренинзи на нашиот национален тим кои ќе се реализираат во „Борис Трајковски “ во Скопје, ќе бидат отворени за јавноста освен на 16.февруари (недела). За кога е планирано одигрување на контролен натпревар.