Селекторот на Словенија, Љубомир Врањеш, предлага промена на ракометните правила

Репрезентацијата на Словенија играше одлично на Европското првенство во ракомет, но сепак не успеа да се избори за финале.

Словенците синоќа беа поразени во полуфиналниот дуел против Шпанија, со резултат 34:32.

Селекторот на Словенија, Љубомир Врањеш, за време на натпреварот тешко поднесуваше некои судиски одлуки, па поради бурните реакции во еден момент заработи и исклучување. Со тоа, мораше да изведе еден играч од теренот.

Се чини дека на Врањеш најмногу му сметаше должината на нападите на Шпанија, односно судиското толерирање на истите.

„Делегатите своите одговорности ги сфаќаат премногу сериозно. Ракометот е емотивен спорт, за време на мечевите сите стануваат од клупата и реагираат на она што се случува на теренот. Денеска немате право ни да се радувате“, изјави Врањеш, па додаде:

„Кога делегатот ќе го повика судијата да покаже жолт картон за играч, тој му го расипува расположението, на него, на екипата и на тренерот. Би сакал кога би можело да се воведе одбројување на нападот во ракометот. Тоа би било добро за сите“.

„Секогаш на еден тим му се дозволува да напаѓа 35, а на друг 55 секунди. Тоа создава преголеми разлики кога натпреварот трае 60 минути“, порача селекторот на репрезентацијата на Словенија.

На одреден начин, Врањеш даде предлог за промена на правилата, односно временските граници за напад.

„На пример, нападот може да трае една минута, тоа би било убаво. Вчера Шпанците само до центарот одеа по 25 секунди. Тоа треба да се земе предвид, но повторно велам дека тоа не е причината за нашиот пораз во полуфиналето“, истакна Врањеш.