СЕХА ја исфрли Татабања, на нејзино место влегува Спартак Москва

Унгарската екипа Татабања е исфрлена од регионалното натпреварување, а листата на учесници во СЕХА лигата ќе ја комплетира руската екипа Спартак Москва.

На околу 20-тина дена до стартот на регионалната СЕХА лига во која Вардар ќе ја брани титулата се случи промена во списокот на учесници. Челниците на СЕХА одлучија да ја исфрлат Татабања поради круцијални несогласувања околу учеството во натпреварувањето.

Поради тоа, на местото на унгарскиот тим следната сезона за првпат ќе настапува еден руски тим, а станува збор за Спартак Москва, двократниот вицепрвак на својата земја, а станува збор за клуб кој е формиран во 2017. година и кој има огромни амбиции во иднина, со оглед на тоа дека е силно поддржан од руската ракометна федерација, како и од фудбалската секција на Спартак Москва која е главен спонзор.

Рускиот тим ќе биде во групата А заедно со македонскиот, регионалниот и европскиот првак Вардар, потоа Нексе, Татран Прешов, Војводина и Мотор Запорожје.

Во групата Б ќе биде вториот македонски претставник Еурофарм Работник заедно со ППД Загреб, Мешков Брест, Металопластика, Веспрем и Пекинг Спорт Универзитет.

Сезоната во СЕХА лигата започнува на трети и четврти септември.