Сега е официјално, поместен е стартот на Ролан Гарос

Вториот Гренд слем турнир во сезоната, Ролан Гарос, ќе започне една недела подоцна од првично одредениот термин поради влошените епидемиолошки услови во Франција предизвикани од коронавирусот.

Претходните денови владееше недоумица дали ќе дојде до поместување на турнирот чиј почеток е планиран за 23 мај, а Француската тениска федерација утринава и официјално потврди дека Ролан Гарос ќе започне седум дена подоцна.

„Одлуката да се одложи Ролан Гарос на една недела е донесена во контекст на најновите рестриктивни мерки во Франција, со тоа што доброто време ги подобри условите и можност за присуство на навивачи на турнирот“, стои во соопштението на АТП и ВТА.

Се додава и дека двете организации работат на тоа ова поместување да не влијае на остатокот од тенискиот календар оваа сезона со цел играчите најмалку да трпат за останатите турнири.

Со ова поместување, Ролан Гарос ќе започне на 30 мај и ќе трае до 13 јуни.

За потсетување, минатата сезона во првата пандемиска година, Отвореното првенство на Франција беше поместено за на есен и се одржа од 27 септември до 11 октомври. Актуелен бранител на трофејот е Рафаел Надал, кој есеноска го надигра Новак Ѓоковиќ.