Сега дефинитивно е збогум: Најголемиот во историјата замина во пензија

Пензија за спортскиот великан. Минатата година Том Брејди се предомисли по неполни два месеци, се врати во Тампа, ја одигра третата сезона во тимот од Флорида, а вест на денот во светот на спортот оваа среда е одлуката на легендарниот ас дефинитивно да се збогува со НФЛ.

Освојувачот на седум Суперболови, најголемиот на сите времиња во овој спорт, преку Твитер се прости од американскиот фудбал по 23 сезони, 20 во Њу Ингланд и три во Тампа.

„Добро утро на сите, ќе навлезам директно на поентата. Одам во пензија. Засекогаш. Знам дека сето тоа предизвика голема возбуда минатиот пат и кога се разбудив утрово помислив – само ќе го притиснам копчето за снимање и прво ќе ве известам. Можеш да се пензионираш со толку многу емоции само еднаш, а јас веќе го искористив тоа минатата година. Ви благодарам многу на сите. На секој од вас. До моето семејство, пријателите, соиграчите, ривалите. Можев да продолжам засекогаш. Ви благодарам што ми дозволивте да го живеам мојот сон. Не би менувал ниту една работа. Ве сакам сите“, рекол Брејди во видео пораката.

Сезонава успеа да ја мине магичната бројка од 100.000 додадени јарди, вклучувајќи го и плеј-офот, што во следните десет години никој нема да може да го направи. Сите три пати ги водеше Буканирс во плеј-офот. Првата година стигна до трофејот, лани стигна до полуфиналето на НФЦ, каде беше запрен од Лос Анџелес Рамс, а оваа беше најлоша, елиминиран во првото коло од Далас на свој терен.

Со Патриотс шест пати го освои трофејот Винс Ломбарди, а има повеќе шампионски прстени (7) од двете најтрофејни франшизи, Њу Ингланд и Питсбург (по 6). Тој беше дел од најдобриот тренер-играч тандем во историјата на овој спорт со Бил Беличик, актуелниот главен тренер на франшизата од Масачусетс.

Томас Едвард Патрик Брејди Џуниор беше само уште еден во низата играчи за кои се предвидуваше дека ќе имаат улога во НФЛ. Опишан пред драфтот како слаб талент, тој беше избран од Њу Ингланд во 2000 година како 199-ти пик на драфтот, во шестата рунда.

„Лошо граден, нема физичка сила, нема подвижност и способност да ја избегне гужвата, нема навистина силна рака, не фрла тесна спирала, системски играч кој може да има проблем ако е принуден да импровизира, лесно се соборува”, рекоа НФЛ експертите за Том Брејди во 2000 година, кога тој се појави во “Комбајн”, предворјето на драфтот, каде што тогаш малку познатиот студент на Универзитетот во Мичиген се обиде да ги убеди тренерите, скаутите дека е достоен да се искачи на следното ниво, да игра во најсилната лига на омилениот спорт на Американците.

Од губитник до икона на овој спорт – најголемиот досега – во НФЛ и еден од најголемите спортисти на сите времиња. Тој беше петкратен МВП на Супер Боул, три пати МВП на првенството, 15 пати беше избран за Пробоул и шест пати во идеалниот тим.

На крајот на минатата година тој се разведе од познатата бразилска манекенка Жизел Бундхен. Немаше сезона како лани кога беше втор во изборот за МВП (прв беше Арон Роџерс од Грин Беј Баканирс). Во претходните недели се шпекулираше дека ќе ја продолжи кариерата. Се споменуваа Мајами, Сан Франциско и пред се Лас Вегас Рајдерс, но тој сепак одлучи дека мечот со Каубојс во Флорида во средината на јануари е неговиот последен натпревар во кариерата.

Брејди повеќе нема да го гледаме на теренот, туку покрај него. Минатата година тој потпиша десетгодишен договор со телевизиската куќа Фокс вреден 375.000.000 долари. Договорот стапува во сила кога легендарниот ас ќе се повлече, па од септември ќе го гледаме во одело како ги коментира игрите на најсилната лига во омилениот спорт на Американците.