Седумкратниот шампион стана витез – Сер Луис Хамилтон

Луис Хамилтон, седумкратниот светски шампион во Формула 1, ја доби титулата витез од Кралицата Елизабета Втора, која традиционално за Нова година ги одликува Британците.

Во годината на историски пресврти и големи признанија, Луис Хамилтон во неколку наврати испишуваше историја. Британецот стана рекордер по бројот на победи во Формула 1. До тоа достигнување дојде на Големата награда на Португалија. Хамилтон го претекна легендарниот Михаел Шумахер, кој на највисокото скалило на победничкиот пиедестал се најде 91 пат во кариерата. Хамилтон на крајот од сезоната стигна до 95 победи, ја освои рекордната седма титула светски шампион и во тој сегмент се израмни со Михаел Шумахер. Британецот се наближува до 100. пол позиција, а во кариерата на подиумот се најде 165 пати.

Наградата која датира од средновековни времиња и го носи називот „сер“, се доделува на избрани за исклучителни достигнувања во текот на изминатите години на некое поле. Долго се шпекулираше дека британскиот автомобилист, кој претходно го доби одликувањето MBE, би можел да биде одликуван со титулата витез. Хамилтон ниже титули во најбрзиот циркус на светот, но и надвор од Формула 1. За да го добие одликувањето не влијаеја само достигнувањата во светот на спортот, туку и борбата за човековите права.

Само тројца возачи од Формула 1 покрај Хамилтон ја добија титулата „сер“ досега: Џеки Стјуарт, Џек Бребем и Стерлинг Мос. Френк Вилијамс, коосновач на својот тим во Формула 1 и Патрик Хед, исто така се носители на титулата витез од луѓето кои се дел од Формула 1.

Новиот директор на Формула 1, Стефано Доменикали, го прокоментира одликувањето на Британецот.

„Луис е првиот гигант на нашиот спорт и неговото влијание е огромно, како во авто-мото спортовите, така и надвор од нив. Тоа што го постигна е феноменално, а уште многу се очекува од него. Сите ние во Формула 1 му честитаме на заслуженото признание за неговите достигнувања и се радуваме што ќе видиме уште повеќе од неговиот сјај во 2021“, изјави Доменикали.

Директорот на Формула 1 на тој начин навести дека Хамилтон ќе биде дел од најбрзиот циркус на планетата и во следната сезона. На Британецот официјално му истече договорот со Мерцедес, а се очекува дека Хамилтон и Мерцедес набрзо ќе договорат продолжение на соработката.