Се запали алармот во Лондон, ниту Мурињо не помогна, започнува лицитацијата

Доаѓањето на Жозе Мурињо и трите победи целосно ја променија климата во Тотенхем. Екипата повторно стана оној тим кој дојде до финалето од Лигата на шампионите минатата сезона, а сега и иднината на некои играчи, кои беа подготвени за заминување, изгледа поинаку.

Меѓу нив, сепак, не е Кристијан Ериксен. Данскиот репрезентативец го одби и последниот обид на челниците на клубот да го убедат да потпише нов договор. Ериксен соопшти дека не сака да остане и понатаму во Тотенхем и дека ќе си замине на лето, кога ќе му истече договорот, јавува британски „Телеграф“.

Како што обично бидува, тоа автоматски е знак да се започне со лицитација околу потписот на Данецот. Претходно Ериксен се поврзуваше со Реал Мадрид, каде беше „виден“ како наследник на Лука Модриќ, но сега мали се шансите да се случи тоа. Особено што Реал пред некој ден го продолжи договорот со младиот и суперталентиран Федерико Валверде, на кого ќе ја гради иднината на клубот.

Сега како фаворити за потписот на Ериксен се истакнуваат Јувентус и Интер. Особено што италијанскиот шампион докторираше на дведување врвни играчи без да плати ниту цент за обештетување. Вистинска армија на такви играчи пристигна во таборот на „Старата дама“ во последните четири-пет години.

Данецот веќе после Нова година ќе има можност слободно да преговара со заинтересираните клубови, но тоа ќе доведе и до тоа да има помала минутажа во Тотенхем. Имено, како што пишува „Телеграф“, една од првите работи на кои инсистирал Мурињо кога доаѓал меѓу Спарси било да се реши статусот на Кристијан Ериксен, да знае дали ќе може да смета на него на долги патеки или не.

Од друга страна, се очекува Тоби Алдервеирелд и Јан Фертонген да потпишат нови договори со Тотенхем.