Се појави најновиот доказ дека Новак Ѓоковиќ нема да игра на Австралија Опен

Се уште не е познато дали најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ќе настапи на Австралија Опен, првиот гренд слем турнир во годината.

Турнирот во Мелбурн се игра од 17 до 30 јануари оваа година, а Ѓоковиќ речиси деценија и пол е владетел на овој гренд слем. Имено, за прв пат го освои во 2008 година, а вкупно во Мелбурн освои девет титули во кариерата.

Сите оние кои имаат намера следната година да играат на Австралија Опен мораат комплетно да се вакцинираат против Ковид-19, а Ѓоковиќ цело време во текот на пандемијата беше еден од најжестоките критичари на вакцинирање меѓу тенисерите. Постојано нагласуваше дека нема намера да се вакцинира, но неодамна за прв пат даде нешто поинаков одговор. Односно, по поразот од Зверев во полуфиналето на АТП Фајналс на прашањето дали ќе оди во Мелбурн одговори: „Ќе видиме“.

Но, можеби како знак дека нема да настапи во Мелбурн е тоа што е направен промотивен спот за Австралија Опен 2022 година, во две верзии, и иако Ѓоковиќ поради сите свои успеси на турнирот би требало да биде „главниот актер“, српскиот тенисер не се појавува ниту една секунда во ниту една од двете верзии.