Се огласи и Пеп Гвардиола: Ти благодарам Лео!

Лионел Меси веќе и дефинитивно си заминува од Барселона. Оваа информација беше објавена вчера, а денеска доби и потврда од страна на претседателот на клубот Жоан Лапорта.

Каталонците не можат да го регистрираат Лионел Меси поради финансискиот фер плеј во шпанската Ла Лига, што е огромен удар за Барселона, но и за самото шпанско првенство.

Сега се шпекулира каде Меси ќе ја продолжи својата кариера, а како единствени клубови кои се сметаат за сериозни фаворити за неговиот потпис се ПСЖ и Манчестер Сити.

Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола, се огласи по сите случувања и напомена дека „Граѓаните“ не планираат да го потпишат Аргентинецот, притоа заблагодарувајќи му се за се што постигна за Барселона.

„Се што можам да кажам во моментов, како обожавател на Барселона, е: ‘Ти благодарам Лео!’. Ти благодарам што Барселона ја подигна на едно повисоко ниво. Ти благодарам што од Барселона направи тим кој можеби е и најдобриот во историјата. Му посакувам се најдобро во последните години од неговата кариера“, изјави Пеп Гвардиола кој потоа истакна дека Аргентинецот не е во плановите на Сити:

„Лео Меси во моментов не е во нашите планови. Ме изненади соопштението од Барселона. Меѓутоа, Жоан Лапорта беше многу јасен. Како голем навивач на Барса посакував Меси да ја заврши кариерата таму. Тој е сигурно најдобриот играч кој сум го видел“.