Се нижат лошите вести, Барселона десеткувана од повреди

Како што е веќе познато, Жерар Пике и Сержи Роберто доживеаја повреди на гостувањето кај Атлетико Мадрид, но тоа не е се, бидејќи на „Камп Ноу“ е вистинска болница.

Пристигнаа официјалните потврди по деталните прегледи. Роберто има руптура на задната ложа и ќе паузира два месеци, Пике го очекува уште подолга пауза, а ќе треба да оди кај специјалистот Рамон Кугат за да се одлучи дали ќе оди на операција или не. Доколку такво нешто не е неопходно, Пике во најдобар случај ќе паузира три месеци.

Но, ни тука не е крајот. „Стаклениот“ Усман Дембеле доживеа полесна повреда на рамото по еден пад во дуел со Караско и ќе го прескокне најверојатно гостувањето кај Динамо Киев, исто како и Серхио Бускетс, кој во текот на репрезентативната пауза доживеа полесна повреда.

Ансу Фати паузира до март, Самуел Умтити штотуку се опорави и е надвор од форма, а единствената добра вест е дека Роналд Араухо ќе се опорави до следниот викенд.

Тоа значи дека Барса во Киев ќе има само еден здрав стопер – Клемон Ленгле, а друштво повторно ќе мора да му прави Френки Де Јонг. Покрај Пјаниќ во средината шанса ќе мора да добие Рики Пуџ или Карлес Алења, бидејќи друга солуција нема.

Ако се погледне билансот на повредени, во Европа полоша е ситуацијата само во Ливерпул, каде до крајот на сезоната во аут се Ван Дајк и Џо Гомез, Александер Арнолд се враќа во јануари, Салах има корона, а надвор од тимот и понатаму се и Тијаго Алкантара и Џордан Хендерсон.